Не е првпат Шкендија да се избламира на европска сцена, последен пат кога губеше од луксембуршки Дуделанж и естонски Номе Каљу, ама вечерва ептен се посрамотија против велшките аматери, зашто бea апсолутни фаворити и прашањето беше само со колку разлика ќе одат во второ коло, за на крај да излезе дека ни овие аматери тетовци не може да ги минат.
Иако ја удавија топката во 210 минути сосе вечерашните продолженија, едвај дадоа еден гол, а имаа низа шанси, мечот мораше да го решава пенал рулетот, откако на минута пред крајот на регуларниот дел Хаверфордвест успеа да дојде до гол за дополнителни 30 минути, во кои тетовци напаѓаа, но не поентираа.
Македонија после елиминацијата на Македонија ЃШ и сега на Шкендија, останува само на два тима во второто коло, Струга ТЛ во шампионската група во Конференциската лига и двомеч со Будуќност, а Шкупи со Левски во регуларниот дел на истото натпреварување.



