Војдан Стојановски упати апел до сите навивачи и искрени љубители да дојдат и да дадат поддршка во финалната серија против битолски Пелистер

Капитенот на македонската репрезентација и член на МЗТ Скопје Аеродром, Војдан Стојановски упати апел до сите навивачи и искрени љубители на кошарката да дојдат и да го проследат вториот натпревар од финалната серија против битолски Пелистер.

Стојановски се надева на одлично издание на својот тим, секако со поддршката на популарните „Фемили Аеродром“, кои сигурно ќе дојдат во огромен број на денешниот натпревар.

„Пред нас е исклучително важен натпревар. Со победа ќе дојдеме на чекор до посакуваната цел, а ние ќе сториме сѐ за да ја повториме играта од неделната пресметка која убедливо ја добивме.

Ако го испочитуваме договореното, како во напад така и во одбрана и ако одиграме борбено и пожртвувано, тогаш сигурен сум дека ќе се радуваме на крајот заедно со нашите навивачи и симпатизери, кои очекувам и овој пат да дојдат во голем број и да ни ја дадат и тоа како потребната помош од трибините“, заврши Војдан Стојановски.

МЗТ Скопје и Пелистер вечерва во 19:00 часот го играат вториот финален натпревар од разигрувањето за титулата во мак-баскетот. „Металците“ имаат предност од 1-0, а Пелистер ќе се обиде да приреди изненадување и со евентуален „брејк“ да ја израмни серијата која потоа продолжува во Битола.

Првиот тим што ќе стигне до три победи, ќе ја освои титулата. Битолчани го посакуваат првиот шампионски трофеј во историјата, додека МЗТ Скопје е во битка за освојување на јубилејната, десетта титула во независна Македонија.