Нема забележани позитивни случаи во четвртата рунда на тестирање на COVID-19 меѓу играчите на Премиер лигата.
“Премиерлигата потврди оваа сабота дека 1.130 играчи и членови на тренерскиот персонал се тестирани на коронавирусот. Ниту еден од примероците не беше позитивен”, се вели во соопштението на Лигата.
Од почетокот на мај се извршени 3.882 тестови во англиските клубови во Премиер лигата, а откриени се и 12 позитивни случаи.
Оваа најнова објава на Премиерлигата го отвори патот за продолжување на англиското првенство, откако британската влада во саботата дозволи спортски натпревари на отворено од 1 јуни.
Англиското првенство најверојатно е дека ќе продолжи на 17 јуни со двата заостанати натпревари помеѓу Манчестер Сити и Арсенал и Астон Вила и Шефилд Јунајтед.