Гласот на преживеаните од холокаустот ќе се слушне денес од поранешниот нацистички логор Аушвиц, точно 75 години откако беше ослободен од советските сили, со надеж дека предупредувањата од нивното трагично искуство ќе ги слушнат оние кои одлучуваат за судбината на светот.
„Тие се надеваат дека светот ќе ги одбележи жртвите заедно со нив, дека лидерите кои ќе ја решат нашата судбина денес и во иднина ќе ги слушаат внимателно предупредувањата што доаѓаат од нивната трагична судбина“, рече Пјотр М.А. Цивишки, директор на Државниот музеј во Аушвиц-Биркенау, пред годишнината.
„Целта на оваа годишнина е да се разбуди совеста, да се преземе одговорност вкоренета во меморијата“, додаде Цивиски.
Старите луѓе што преживеаја во овој логор ги има се помалку и помалку.
Околу 1.500 поранешни затвореници учествуваа во одбележувањето на 60-годишнината од ослободувањето на Аушвиц во 2005 година, а пред пет години, од нив имаше околу триста.
Околу двеста лица од преживеаните се очекуваат на комеморацијата денес во јужна Полска. На портата на смртта, платформата за истовар од вагоните од железничката линија Биркенау, ќе им оддадат почит на оние кои не ја преживеале нацистичката бруталност.
Концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, во кој над еден милион и сто илјади луѓе беа убиени од нацистите за време на Втората светска војна, повеќето од нив Евреи, е симбол на геноцид, холокауст и зло.
Евреите, воените затвореници, Полјаците, Ромите и припадниците на другите малцинства умирале од гасните комори, од глад, болест и присилна работа.
Во 2005 година, Генералното собрание на ООН усвои резолуција во која се одбележува 27-ми јануари како Меѓународен ден на сеќавање на холокаустот, бидејќи на тој ден во 1945 година сојузничките сили ги ослободија преостанатите 7.500 затвореници.
На годинешната комеморација ќе присуствуваат официјални делегации од 50 земји, вклучувајќи и околу 20 шефови на држави или влади и претставници на меѓународни организации. Пред нив ќе се обрати полскиот претседател Анджеј Дуда, кој е почесен покровител на настанот.
Аушвиц е основан во 1940 година во окупирана Полска.
Првично наменет како затвор за Полјаците кои се спротивставија на нацистичкиот режим, тој стана најголемата фабрика за смрт во Европа. Околу 1,3 милиони луѓе биле депортирани во логорот.
Околу 900.000 Евреи биле убиени во гасните комори веднаш штом пристигале во логорот, а нивните тела биле запалени во крематориумот. Другите умирале поради нехумани услови за живот, изолирани од надворешниот свет со бодликава жица. Тие биле користени и за принудна работа и медицински експерименти.