Републиканското мнозинство во Сенатот на САД ги отфрли првите три предложени амандмани на демократите на почетокот на судењето во процесот на отповикување на претседателот Доналд Трамп, посочувајќи како би можел да изгледа тој процес и каков ќе биде конечниот исход.
Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Мек Конел, изнел резолуција за водење на процесот за која имало доста забелешки од страна на нивните политички ривали.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, го нарече предлогот „национален срам“, а неговиот колега и обвинител, Адам Шиф, рече дека резолуцијата е „за пристрасно судење“, пренесуваат агенциите.
Според планот на Меконел, судењето ќе биде кратко и би можело да заврши за десет дена, а на сведоците ќе им биде забрането да сведочат во почетната фаза на судењето.
Со предложената резолуција се предвидува и двете страни да имаат по 24 часа секој, за да ги изнерсат аргументите во рок од три дена.
Отфрлени три предлози со надгласување во однос 53-47
После ова ќе продолжат со прашања и дискусии, и после тоа ќе се разгледа потребата за повикување на сведоци.
Лидерот на демократите Чак Шумер предложи три амандмани, со кои побара документи и записи од Белата куќа, канцеларијата на јавниот правобранител и Кабинетот за управување и буџет, во врска со постапките на претседателот во односите со украинските лидери да бидат ставени на располагање во текот на овој процес.
Но, сите три предлози беа отфрлени од републиканците, надгласувајќи ги демократите во Сенатот со резултат 53-47.
Демократите во Претставничкиот дом, во кој имаат мнозинство, во декември гласаа за разрешување на Доналд Трамп, но исто така мора и Сенатот, каде се бара двотретинско мнозинство за да се донесе одлуката.
Демократите побараа од Сенатот да го отповика претседателот Трамп бидејќи извршил притисок врз Украина да го „испитува“ неговиот политички ривал и поранешен потпретседател Џо Бајден, а потоа ја опструирал конгресната истрага за скандалот.
Трамп ги отфрли сите овие обвиненија како неосновани, прогласувајќи ги за „лов на вештерки“, кој се обидува да ја поткопа неговата кандидатура за втор мандат на претседателските избори во ноември.
Приватен интерес или декориран процес
Во раните фази на дебатата, водачот на адвокатскиот тим на Трамп, Пат Циполон, ја нарече целата постапка неоснована, велејќи дека нема правни елементи за овој процес, додека демократите рекоа дека има многу докази што укажуваат на вината на Трамп.
Но, демократите, исто така, сакаат да слушнат сведоштва од сегашни и поранешни соработници на актуелниот американски претседател, вклучувајќи го и поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, за да добијат вистинска слика за обемот на злоупотребата на власта од страна на Трамп за приватни интереси.