Големи пожари беснеат во Андалузија , илјадници луѓе се евакуирани , а гори и туристички комплекс .Околу 2.400 лица се евакуирани поради пожар, кој е надвор од контрола и ја пустоши шпанската провинција Андалузија, соопштија денеска надлежните.

Пожарот избувнал во четвртокот на планините во близина на градот Алмонастер ла Реал, на 120 километри северозападно од градот Севилја. Оттогаш има поминато 90 квадратни километри, пренесува АП.

Околу 450 лица, вклучително и обучени пожарникари и војници, учествувале во гаснењето на пожарот во текот на ноќта, заедно со 24 авиони и еден хеликоптер.

Ветерот ослабна синоќа, што ја направи борбата против пожарот малку полесна, но проблемот е во тоа што сите области погодени од пожарот се наоѓаат на карпест терен, објави АП.

Уште 70 лица се евакуирани вчера поради пожар во градот Мула во регионот Мурсија, а пожарникарите се обидуваат да изгаснат два шумски пожари во областа Екстремадура.