Во Русија денеска стартува седумдневното гласање на референдум за уставни измени кои може да го отворат патот за продолжување на владеењето на досегашниот претседател Владимир Путин за нови 12 години. Гласачките места се отворија денеска во 14 административни региони, соопштија надлежните. Денеска е првиот дел од седумдневното гласање за предлог уставните измени. Целта на ваквиот начин на гласање на референдумот е да се избегнат масовни собири и толпи, затоа што земјата сè уште се бори со пандемијата од ковид-19. Гласањето предизвика загриженост во јавноста затоа што бројките на ново заразени на дневна основа не се симнуваат под 7 илјади новорегистрирани заболени – пренесува Радио Слободна Европа.

Централната изборна комисија на Русија соопшти дека одѕивот на првиот ден од еднонеделното гласање за уставни измени изнесува 9 проценти. Според комисијата, нешто повеќе од 10 милиони избирачи зилегле на гласање или гласале преку интернет што претставува 9,2 проценти од сите регистрирани гласачи. Со уставните измени се отвора патот за продолжување на владеењето на претседателот Владимир Путин за 12 години.

Путин ги предложи уставни реформи на почетокот од оваа година и инсистираше да ги стави на национално гласање, иако тоа не се бара со закон. Планот предизвика остри критики од опозицијата и групите за човекови права кои не го нарекуваат ништо повеќе од обид за грабна моќ од страна на Путин. Според сегашните правила, на Путин му е забрането да бара трет последователен шестгодишен мандат.

Додека пак кај нас на 1 јули 2020 година од 08:00 до 20:00 часот во просториите на Амбасадата на Руската Федерација (ул. Пиринска бр. 44) ќе се одржи гласање за измени во Уставот на Руската Федерација во кое ќе учествуваат државјаните на Русија кои постојано или привремено престојуваат во Република Северна Македонија, соопшти руската Амбасада.