Италијанскиот премиер Џузепе Конте најави дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот наметнати во северните региони ќе бидат ефективни низ целата земја од денес наутро.

Патувањата и сите јавни собири низ цела Италија ќе бидат забранети, а спортот ќе биде суспендиран,целта е да се заштитат најранливите луѓе во земјата.

Конте синоќа на прес-конференција во зградата на Советот на министри рече дека ќе го потпише указот веднаш. „Нашите навики мора да се променат, тие мора да се променат сега, сите ние мора да жртвуваме нешто за доброто на Италија“, побара премиерот.

Конте истакна, додавајќи дека „повеќе нема да има црвена зона на (Апенинскиот) Полуостров. . . Цела Италија ќе стане заштитено подрачје“. Италијанскиот премиер ги повика луѓето ширум земјата да не патуваат и прогласи забрана за сите јавни собири. „Остани дома“, побара тој.

На сторителите може да им се изрече казна затвор до три месеци или да се казни со казна до 206 евра.

Патувањето до работа генерално ќе остане дозволено и јавниот превоз нема да биде запрен. Училиштата и универзитетите во Италија ќе останат затворени до 3 април, а не до 15 март, како што беше планирано досега.

На баровите и рестораните ќе им биде дозволено да бидат отворени од 6 до 18 часот, но само под услов да можат да обезбедат растојание од најмалку еден метар помеѓу клиентите. Во спротивно тие ќе бидат затворени.

Продавниците, тие исто така ќе можат да работат ако можат да гарантираат еден метар безбедно растојание за клиентите. Големите и средни трговски центри ќе останат затворени за време на викендите. Уредбата не наметнува ограничувања во времето на отворање на самопослуги.

Ќе бидат затворени музеи, културни центри, јавни бањи, базени, спортски сали и други места.

Сите спортови во земјава, вклучително и фудбалскиот шампионат, исто така ќе бидат прекинати до 3 април.

„Нема причина да продолжат натпреварите и спортските настани. Жал ми е, но треба да се почитува целата состојба “, рече Конте на синоќешната прес-конференција.

„Мерките наметнати во неделата во најтешко погодените области во северна Италија веќе не се доволни“, истакна Конте. Тој објасни дека целта на невидените чекори е да се заштитат најранливите групи на население.

Со повеќе од 9000 заразени, од кои над 460 починале, Италија е најтешко погодената земја од коронавирусот по Кина, од која започна ширењето на инфекцијата. Бројот на загинати во земјата вчера достигна 463 – зголемување за 97 за еден ден. Бројот на заразените се зголеми од 7.375 на 9.172, а закрепнати се 724 луѓе.

Во текот на денот во понеделник мерките за коронавирус воведени во италијанските затвори доведоа до масовни немири и најмалку седуммина беа убиени, напиша Ројтерс. Затворениците се лути на новите ограничувања, како што е забраната за посети од роднини. На неколку места чуварите биле земени како заложници, а пријавени се и неколкумина бегалци.

Немирите започнале во затворите во северна Италија, но во понеделникот веќе имало немири во најмалку 25 поправни домови низ целата земја. Министерот за правда Алфонсо Бонафеде изјави дека властите се подготвени да преговараат со затворениците за конкретни мерки против вирусот во казнените институции, но пред тоа немирите мора да престанат.

Најсериозни се немирите во голем затвор во близина на градот Модена. Три лица беа убиени таму. Уште четири лица беа убиени откако беа пренесени во други затвори заради немири. Некои од смртните случаи биле предозирање со опиоиди што затворениците ги украле од клиниките, рече министерот без да даде детали. Двајца чувари беа земени како заложници од затворениците во затворот во близина на Павија. Тие беа ослободени по полициската рација во затвор.