Во Италија 1.128 заразени со коронавирусот, расте бројот на заразени во Европа и светот

Италија потврди дека бројот на заразени лица низ целата земја надмина илјада, објавија вчера новинските агенции.

Осуммина други починаа како резултат на инфекција со коронавирусот, објави во саботата италијанската агенција за цивилна заштита, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 29.

Вкупниот број на позитивни на „Ковид-19“ е зголемен за 240 во последните 24 часа, пренесува Ројтерс.

Шефот на агенцијата за цивилна заштита рече дека бројот на потврдени случаи на инфекција се искачи на 1.128 во Италија и вклучува 50 закрепнати лица, како и 29 мртви.

Кина, која се соочи со избувнувањето на коронавирусот во декември, забележа пад на бројот на заразени. Од петок во 18 часот до сабота во 18 часот, регистрирани се 427 нови инфекции и 47 смртни случаи. Во Кина се пријавени вкупно 79.251 случаи, а 2.835 починале.

Исламската Република Иран има најголема потврдена бројка на смртни случаи надвор од Кина, вкупно 43, а бројот на заразените се искачи на 593, објави иранското Министерство за здравство, повикувајќи ги луѓето да останат во своите домови, пренесува Ројтерс.

Јужна Кореја исто така се бори со голем број заразени, пријавени се 813 нови случаи со вкупно 3.150 и 17 смртни случаи.

Повеќе од 700 лица се заразени во Јапонија, вклучително и патници на крстосувачот „Принцез дајмонд“, кој подолго време е во Јокохама.

Во Норвешка, бројот на заразени лица се зголеми на вкупно 15, откако инфекцијата била дијагностицирана кај тројца вработени во универзитетската болница во Осло, а уште четири нови случаи се регистрирани во градот Берген.

Франција забрани јавни собири и објави за 16 нови заразаени, потврдувајќи ги вкупно 73 заразени, од кои две лица починале.

Бројот на заразени лица во Велика Британија се зголеми на 23 и едно лице почина откако беше заразено на крстосувачот во Јокохама.

Еквадор во саботата го потврди првиот случај на инфекција со коронавирус, постара жена која се врати од Шпанија со директен лет од Мадрид. „Пациентот е во одделение за интензивна нега“, рече министерката за здравство Каталина Андрамуно за Ројтерс.

Бразил го потврди својот прв случај претходно оваа недела и беше првиот потврден случај на инфекција со коронавирус во Латинска Америка.

Покрај Еквадор, првиот случај на инфекција беше потврден и во Катар.

Според постојано ажурираните податоци на СЗО, 85.919 лица се заразени со коронавирусот. Досега во 61 земја и територии од вирусот умреле 2.941 луѓе.