Голем пад на продажбата на нови автомобили во ЕУ

Побарувачката за нови автомобили во ЕУ нагло опадна во првата половина од годинава поради пандемијата на коронавирусот, а меѓу земјите со најголем пад се  Хрватска, Шпанија и Италија, се вели во извештајот на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), пренесува „Aljazeera“.

Побарувачката за нови автомобили во ЕУ опаѓа од март, кога беа воведени строги мерки за спречување на ширењето на корона вирусот.

Граѓаните се ограничени во нивното движење, а многу компании се затворени, вклучувајќи ги и салоните за автомобили.

Најголем пад во април

Најголем пад, за 76,3 проценти, е забележан во април, кога беа на сила рестриктивните мерки.

Олеснувањето на мерките во мај го забави трендот на намалување, па во текот на тој месец побарувачката се намали за 52,3 проценти.

Во јуни, регистрирани се вкупно 949.722 нови автомобили во 26 земји на ЕУ (со исклучок на Малта), за 22,3 проценти помалку отколку во истиот месец минатата година, според податоците на ACEA.

Иако салоните за автомобили се отворија, побарувачката не е целосно обновена минатиот месец.

Франција е единствената земја во ЕУ каде побарувачката се зголеми, за 1,2 проценти, благодарение на стимулациите на новата влада за купување автомобили со ниска емисија на гасови, воведени во почетокот на јуни.

Сите водечки европски пазари забележаа двоцифрен пад на побарувачката, тонејќи за третина во Шпанија и Германија и скоро една четвртина во Италија.