Зоран Милановиќ, кандидатот на Социјалдемократската партија (СДП), со 29,57 проценти од гласовите, е релативен победник во првиот круг на претседателските избори. Колинда Грабар Китаровиќ, кандидатот на Хрватската демократска унија (ХДЗ), е втора по бројот на гласови, односно со освоени 26,65 проценти од гласовите. Ова се привремените неофицијални резултати кои ги објави Државната изборна комисија вчеравечер во 23 часот.

Овие двајца кандидати влегуваат во вториот круг кој ќе се одржи на 5-ти јануари.

„Одиме во вториот круг, но не одиме во војна – војните завршија“, рече Зоран Милановиќ во обраќањето кон јавноста.

Актуелната претседателка и кандидат на Хрватската демократска унија, Колинда Грабар-Китаровиќ, во првиот круг на претседателските избори победи во БиХ, Црна Гора и Италија, додека Милановиќ освои најмногу гласови во Словенија и Србија. Китаровиќ освои најголем број гласови во странство – 54,30 проценти, Мирослав Шкоро доби 34.26 проценти и Зоран Милановиќ 5,84 проценти.
Се гласаше во 47 земји, а Колинда Грабар Китаровиќ доби најголем број гласови во 15 од нив, додека во Русија и Холандија таа има ист број гласови со Милановиќ, кој победи во 14 држави. Се уште не се пристигнати гласовите од прекуокеанските земји Аргентина, Бразил, Чиле, Канада и САД, според последните информации од ДИК.