Kако се прославува Божик низ светот?

Главната прослава во Норвешка е Бадник. Тоа е ден кога целото семејство се држи за раце и оди во круг околу елката пеејќи стари празнични песни, а таткото и мајката со тажни очи се присетуваат на Божикот од детството. За многумина тоа е единствен ден во годината кога одат во црква. Иако Норвешка е земја на шумите, со околу милион елки, иако двојно поскапи, елките се набавуваат од Данска. И многу норвешки божикни песни всушност се од данско потекло, само не и Дедо Мраз, кого овде го викаат Нисен. Претставен е во лик на смело норвешко човече со бела брада и личи на џуџе.

На истокот на земјата се служи свинско, некои видови птици, колбаси и кисела зелка со крем од барски капини, а за десерт сутлијаш во кој е скриен бадем кој на среќниот добитник му носи дополнителен подарок. Се пие пиво и ликер “аквавит”. Жителите на фјордовите им остануваат верни на сушените солени овчки ребра, на пасираниот компир, на чаденото месо со гранчиња од бреза и со задолжителното пиво. Во исто време, Лапонците јадат парче месо од ирвас и бел леб, што во дамнешно минато било голема реткост и деликатес. Полноќта личи на карневал, а следното утро се враќаат на тмурното секојдневие бидејќи мораат да ги пополнат даночните пријави за годишната заработувачка.

Божик во Англија е строго семеен празник. Во огнот се става посебна цепеница која носи среќа. Обичајот на бакнување во општата еуфорија е обичај на кој не може да му одолее и најтврдокорниот Британец. Под гранките на елката се случуваат згоди и незгоди, а често се случува некој член од високата аристократија да мора да ја бакне симпатичната собарка или домаќинката која блеска од накит, полна со достоинство, но скромно мила и привлечна.

Во Париз е поинаку. Наместо во семејно опкружување, забавата цвета на улиците проследена со флерт и… љубов! Околу вратот сите носат колаче во облик на рипче на кое на полноќ мора да му се гризне главата. Најголема несреќа е доколку некој ја гризне опашката.

Во раскошната Виена блескаат елките и свеќниците, а уште повеќе разнежнетите очи на чувствителните луѓе. Во градот на потомците на Моцарт во чија душа длабоко е вткаена уметноста на животот, блескаат трпезите со печени крапови, салати од компир и цвекло. Без чорба од риба незамислива е каква било вечера кога се делат подароци и се пие црвено вино.

Њујорк е единствен град во светот кој нема заеднички божикни обичаи. Создаден од конгломерат на народи и вери секој се држи до сопствената традиција. Во овој град живеат и оние на кои денот на Христовото раѓање ништо не им значи, а единствена нишка која ги поврзува христијаните е Бадник, вечерта на дарувањето. Во средината на Рокфелеровиот центар блеска огромна елка која им е постојано на око на веселите лизгачи и на љубопитните шетачи вооружени со дигитални камери и фотоапарати. Бродвеј е преплавен со хартија од искинати телефонски именици и со стари списанија кои се лелеат во воздухот како весник на чудно изразување на празничното расположение. Рестораните, баровите, кафетериите, кината и театрите се преполни со луѓе кои веќе следниот ден повторно ќе се фрлат во виорот на бескомпромисниот бизнис и неуморната трка за пари и профит.