Британска пратеничка ја обвини СПЦ дека шверцува оружје на Косово, КФОР демантира

Пратеничката во британскиот парламент и членка на Комисијата за надворешна политика, Алиша Кернс, ја обвини Српската православна црква дека шверцува оружје на Косово. Таа за време на вчерашната седница на британскиот парламент, тврдеше дека оружје од Србија се шверцува на Косово со возила на Брза помош, и кое се доставува во српските цркви.

ВЛАДАТА ЗНАЕ ЗА ТОА, ВОЈНИЦИТЕ КОИ СЕ ВРАЌААТ ОД СЛУЖБА ВО КФОР ПОТВРДУВААТ ДЕКА СЕ ШВЕРЦУВА ОРУЖЈЕ ПРЕКУ ГРАНИЦАТА ВО ПРАВОСЛАВНИТЕ ЦРКВИ СО ПОМОШ НА ВОЗИЛА НА БРЗАТА ПОМОШ. КОГА НАШИТЕ ВОЈНИЦИ СЕ ОБИДУВААТ ДА ДОБИЈАТ ДОЗВОЛА ДА ГИ ЗАПРАТ, ДОБИВАЊЕТО НА ТАА ДОЗВОЛА ТРАЕ ПРЕДОЛГО. ДО МОМЕНТОТ КОГА ЌЕ СЕ ДОБИЕ ДОЗВОЛАТА, БРЗАТА ПОМОШ СЕ ПОЈАВУВА ВО ЦРКВАТА И ГО ВАДИ ОРУЖЈЕТО, ОБВИНИ КЕРНС.

Британската пратеничка неодамна во Лондон оствари средба со косовскиот премиер, а нејзините вчерашни обвинувања ги пренесоа и косовските медиуми.Рашко-призренската епархија, под чија надлежност се сите цркви на Косово, реагираше дека станува збор за многу сериозно обвинување со кое се криминализира СПЦ, а одредени косовски медиуми веќе започнале да го користат за ширење на верска и етничка омраза. Тие го повикаа КФОР веднаш да ги провери тврдењата на Кернс.

„Наводното нелегално присуство на оружје беше пријавено во штабот на КФОР, но по понатамошната истрага за да се најде потврда за тоа, не се појавија докази за она што е пријавено. Нема докази за наводниот шверц што бил извршен преку административната гранична линија помеѓу Косово и Србија во православната црква во амбулантно возило“, соопшти КФОР.