Два дена по почетокот на големата воена акција во Џенин, во окупираниот Западен Брег, израелската армија според сопствени наводи, ги повлекла своите војници од палестинскиот град. Повлекувањето започнало во вторникот вечерта, а во меѓувреме војниците се вратени на нивните „рутински активности“ во Западниот Брег, соопшти израелската армија.
За време на почетокот на повлекувањето дошло до жестоки судири со вооружените жители, тврдат палестински извештаи. На видеа на социјалните мрежи се гледаше како на колона воени возила се фрла експлозив.
Во исто време околу 300 демонстранти излегоа на улиците во бегалскиот камп во Јордан за ја изразат својата поддршка за Палестинците во Џенин, каде во тек е воена офанзива. Демонстрантите во бегалскиот камп Бакаа во близина на главниот град на Јордан, Аман носеа палестински знамиња додека извикуваа про-Хамас и антиизраелски слогани. Протестот дојде кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посочи дека операцијата во бегалскиот камп Џенин завршува.
- Она што се случува во логорот Џенин, Палестина, не е само ционистичко злосторство, туку е ционистичко и арапско злосторство, бидејќи не смееме да ги оставиме сами нашите семејства, нашите херои, нашите мажи и нашите жени во логорот Џенин. Дојде време да се отворат границите, сите околни арапски земји да земат оружје и да го поддржат нашиот народ во Џенин и да го поддржат нашиот народ во Газа да се бори со нив- Салман ал-Масаид, демонстрант.
Палестинските здравствени власти соопштија дека се убиени 12 лица, а десетици се ранети. Бегалскиот камп Бакаа е дом на околу 100.000 палестински бегалци и е најголем во земјата.