Јапонскиот производител на автомобили Suzuki Motor Corp. постигна договор со стартапот SkyDrive Inc. за производство на „летечки автомобили“, пренесува Ројтерс.
Компаниите ќе користат фабрика на Suzuki Group во централна Јапонија за производство на електрични возила што полетуваат и слетуваат вертикално (eVTOL). Тие планираат да започнат со производство околу пролетта следната година.
SkyDrive ќе основа посебен огранок во целосна сопственост, за да го произведува леталото, додека Suzuki ќе се грижи во производството, вклучувајќи и обезбедување кадар.
Со седиште во градот Тојота во централна Јапонија, SkyDrive ги има како главни акционери трговската куќа Itochu, технолошката фирма NEC и огранок на компанијата за енергетија Eneos Holdings.
Двете компании потпишаа договор лани во март, за заедничко истражување, развој и продажба на летечки автомобили.
Стартапот, кој развива и товарни дронови, планира да лансира услуга за летечки автомобили во Осака во 2025 година, кога се очекува градот да биде домаќин на World Expo. SkyDrive ги продлабочува своите врски со Осака во изминатата година и половина. Кон крајот на 2020 година, компанијата стана клучен член на тркалезната маса организирана од префектурните власти. Групата, составена од околу 40 компании, разговара за тоа како може да се постигне „револуција во воздушната мобилност“.
Во август 2021 година, SkyDrive објави дека ја истражува комерцијализацијата на бизнисот со воздушни такси, вклучувајќи разговори со пет големи компании, особено градежната групација Obayashi и комуналната компанија Kansai Electric Power.