Фестивалот Watch OUT се враќа во тетовската јавност со своето единаесетто издание. Ќе започне утре, а секој ден во наредните четири дена, во Спомен куќата на комунистите во Тетово ќе се прикажуваат филмови од три категории, анимирани, документарни и кратки. На денешната конференција беа прогласени и победниците од ова издание.
„Победници на фестивалот се „Familar Stranger“ од Сингапур, „Ние сме земјата“ од Франција и филмот што доаѓа во соработка помеѓу Аргентина и Венецуела“, изјави Егзона Муслиу – координатор.
Фестивалот е во организација на невладината „Лоја“. Оттаму велат дека овој фестивал има за цел да ја пополни празнината која постои во Тетово од областа на културата.
„И за овој фестивал, како невладина организација „Лоја“, немаме никаква подршка од државата, но и од локалната самоуправа. Цело време користиме прилики да соработуваме, но вистински да соработуваме. Сведоци сме како во Тетово исчезнува јавниот простор, тоа е страшно. Немањето на јавни простори е голема закана, тоа е простор каде луѓето јавно и слободно разговараат ги делат своите мислења и ставови. Ние сме скоро демократско општество. Ние сме општество кое не се грижи за обичните граѓани. Имаше во Тетово случај како млади луѓе мораа да ги напуштат просториите каде организираа разни културни активности. Ние со филмовите ќе испратиме вакви пораки за зачувување на јавниот простор, самите граѓаните ќе ги разберат пораките преку филмовите, вели Бујар Љума од невладината организација „Лоја“.
На годинешниот фестивал биле пријавени над 850 филма од 85 земји, а селектирани се над шеесет филма кои ќе бидат со превод на англиски јазик. Невладината „Лоја“ за заложбите во изминативе 23 години во повеќе полиња пред се во областа на културата од Претседателот на државата утре ќе примат награда за развој на граѓанското општество.