Дојави за бомби во основните и средните училишта во Белград

Две недели по масовните убиства во основното училиште во Белград и во блискиот Младеновац, каде што беа убиени 18 лица, главно деца и млади луѓе, повеќе од 115 основни и средни училишта на територијата на Белград утринава добија анонимни извештаи за подметнати екплозивни направи, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерството за образование соопшти дека дојави за бомби добиле 78 основни и 37 средни училишта во белградските општини.

Учениците и вработените се евакуирани, се додава во соопштението.

-Заради безбедност на учениците и вработените, наставата во прва смена беше прекината до завршување на полициската проверка, а некои училишта веќе се проверени и во нив наставата се одвива без проблем. Училиштата преку редовни канали на комуникација ќе ги информираат учениците и нивните родители за сите релевантни информации за одржување на наставата. Во комуникација со МВР, директорите на училиштата ќе добијат информација кога ќе биде извршен увид во училиштето и ќе донесат одлука за попладневната смена, се вели во соопштението од Министерството за образование.

Анонимните дојави за бомби не се ретки и речиси станаа тренд во последниве години во Србија, но засега се покажа дека сите овие извештаи се лажни.

Веднаш по масакрот во ОУ Владислав Рибникар, властите одлучија да распоредат повеќе од 1.000 полицајци во училиштата во Србија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е убеден оти на тој начин значително ќе се зголеми безбедноста во училиштата, дека насилството на врсниците ќе се намали за 80 отсто, а родителите ќе бидат посмирени кога ги праќаат децата на училиште.