Разрешена директорката што им се закануваше на гимназијалците (Видео)

Директорка на гимназијата “Никола Карев” е разрешена од функцијата, откако им се закануваше на учениците дека ќе има последици ако протестираат против загадувањето и глобалното затоплување.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, веднаш дал наредба за нејзино разрешување.

“Градот Скопје им укажува на сите раководители на своите институции дека во својата секојдневна работа треба да ги исполнуваат принципите според кои се избрани, како почитувањето на правото на слободно мислење, правото на протест и демократскиот натпревар на идеи. Оваа градска администрација стои зад сечие право на протест и слободно мислење и во неа нема место за закани кон средношколците и нивното демократско право на собир и протест.

Правото на здрава животна средина е неприкосновено право, исто како и правото да се протестира за истото. Битката против климатските промени и за чистиот воздух мора да биде заедничка, на институциите, но и на граѓаните. И не само декларативна, туку и конкретна. Институциите да водат, а граѓаните со свој пример да учествуваат во неа. Само така, таа битка може да ја добиеме. Сите заедно.

Токму заради иднината на нашите млади“, стои во соопштението од Шилегов.