Ѓорче Петров се гуши. Ги рушиме сите рекорди на загаденост, а ја добивме и најголемата дива депонија во Скопје. Градоначалникот Наумовски наместо да ја расчисти, директно помага во создавањето и ширењето на депонијата, изјави Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните на Ѓорче Петров подолго време апелираат и молат да се преземат мерки за расчистување на депонијата. Веќе се одржаа два протести, а сепак Наумоски остана глув на нивните барања. На 7-ми декември Александар Наумоски во обид да се извади за својата неспособност, издаде соопштение во кое директно ги обвини граѓаните дека тие се главни виновници за настанувањето на таа депонија, рече Андоновска.
Денес пред јавноста ќе презентираме видео доказ кој ќе биде доставен до медиумите во кој се гледа товарно возило марка Мерцедес како влегува на депонијата и таму го фрла отпадот. Возилото е со регистарски таблички СК 430 СХ, во сопственост на Општина Ѓорче Петров.
Нема ништо од споменатиот чувар, ниту од наведените санкции. Рампата се крева, а отпадот нелегално се фрла.
Нема поголем апсурд и лицемерие од тоа да дадеш слободен ден на администрацијата да го чисти ѓубрето, а останатите 364 дена ти да ја трупаш депонијата која претставува канцер на нашата Општина, изјави таа.
Оваа видео снимка е директен доказ дека Александар Наумоски лажеше.
Андоновска праша – Има ли вистина во тврдењата дека одредени компании блиски до власта, плаќаат “под рака” за да можат да го одлагаат отпадот во депонијата во Ново Село?