Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека го свртува вниманието кон непречениот и мирен трансфер на власта, откако Конгресот ја потврди изборната победа на демократот Џозеф Бајден и по острите осуди поради упадот на неговите приврзаници во Конгресот.
Ова го изјави во видео објавено на Твитер, откако му истече забраната на оваа социјална мрежа.
„Сега Конгресот ги потврди резултатите и новата администрација ќе биде инаугурирана на 20 јануари. Фокусиран сум на обезбедување мирен и непречен трансфер на власта. Во овој момент потребно е помирување и заздравување“, изјави тој.
Трамп додаде дека веднаш распоредил припадници на Националната гарда со цел да ги протера оние кои упаднале на Конгресот, иако „некои медиуми објавија дека се двоуми дали да испрати војска“.
Трамп го осуди насилството, велејќи дека демонстрантите „го сквернавеа седиштето на американската демократија“.
„Оние што извршија насилство не ја претставуваат нашата земја, а оние што го прекршија законот ќе платат“, рече Трамп.
Трамп им порача на своите приврзаници дека најголема чест му е дека во животот им служел на граѓаните како претседател.
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) January 8, 2021
Со ова видео, Трамп беше најблиску до официјалното признавање на поразот по неколку недели инсистирање дека победил на изборите.
Изјавата на Трамп следеше по повиците на демократите, спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер до потпретседателот Мајк Пенс и кабинетот на Трамп за спроведување на 25-тиот амандман, со кој претседателот веднаш би бил сменет од функцијата.
Пелоси најави дека ако тоа не се случи, најверојатно ќе го свика Претставничкиот дом за да започне постапка за отповикување на претседателот поради неговата улога во немирите што се случија во средата, во кои беа убиени пет лица, меѓу кои и еден полицаец.