Ова се казните за непочитување на новите мерки против коронавирусот 

Измените на Законот за заштита на населението од заразни болести кои ги усвои Собранието синоќа предвидуваат глоби за непочитување на мерките кои се предвидени за заштита од КОВИД-19.

Во однос на непочитувањето на мерката за носење лична заштита на лицето при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места, предвидена е парична казна од 20 евра, а глоба во износ од 2000 евра ќе платат правните лица, одговорното лице во правното лице ќе плати 500 евра.

Законот ja регулира и самоизолацијата, односно таа е задолжителна при тестирање за коронавирус КОВИД-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен. –  За непочитување на оваа мерка предвидена е казна од 50 евра.

За непочитување на забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието, прекршителите ќе платат казна од 500 евра.

Во однос на други мерки кои би ги пропишала владата, за нивно непочитување на правните лица ќе им се изрече глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра за микро трговец, од 5.500 до 6.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, од 17.500 до 18.000 евра за среден трговец, и глоба во износ од 25.000 до 30.000 евра за голем трговец.