Собранието ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести – Ова се новите мерки

Собранието вечерва со 53 гласа ЗА, ниту еден против и 26 воздржани ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.

Претходно во овој закон на собраниската Комисија за здравство беа усвоени амандмани со кои се предвидоа мерките што ги предлагаше Владата.

Според измените на законов, заради спречување на ширењето и сузбивање на заразната болест предизвикана од Коронавирусот COVID-19 и заштита на населението, Владата ќе може да му нареди на населението да ги почитува следниве времени мерки:

  • Носењето лична заштита на лицето (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично) при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично).

Оваа мерка нема да важи:

– при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);

– при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница;

– при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со  кој/кои што заедно живеат во заедница;

-при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита (дистанца, дезинфекција и слично);

– ако се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определено работно место;

– ако лицето е помладо од 6 годишна возраст (дете); и

-ако лицето има специфична здравствена состојба, е лице со посебни потреби или е лице со пречки во развој поради што носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.,

  • Задолжителна самоизолација при тестирање за Коронавирус COVID-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен
  • Забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието, и
  • други мерки утврдени со закон.

Мерките траат додека постои опасност од ширење на епидемија.

Владата на предлог на Министерството за здравство одлучува кои од мерките ќе се применат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период.

Исто така со законот се предвидуваат и глоби за тие што нема да ги почитуваат мерките.

За неносење маска на отворено се предвидува казна од 20 евра. Доколку лицето не оди во задолжителна самоизолација при тестирање за Коронавирус ќе му се изрече казна од 50 евра, а тие што ќе се групираатдома на отворено ќе платат казна од 500 евра.