Дирекцијата за заштита на личните податоци е пред блокада бидејќи веќе шест месеци нема директор, а две и пол години нема ниту заменик директор. Поради тоа, не може да ја извршува својата контролна функција и да врши инспекции за заштита на правото на приватност и на личните податоци, а не може и да ја реализира програмата за оваа година ниту пак да подготви нова за наредната.

20-тина вработени земаат плата и покриваат режиски трошоци благодарение на овластувањата добиени при оставката на екс директорот Горан Трајковски. Апелираат да се избере ново раководство што ќе обезбеди нормално функционирање и потсетуваат на критиките што доаѓаат од ЕУ и од Советот на Европа.

Неколку месеци нема директор и во Агенцијата за слободен пристап до информации. Нема Програмски совет на МРТВ, Совет на Агенцијата за медиуми, Агенција за високо образование, три члена на Судскиот совет. Сите овие кадровски решенија со месеци се на дневен ред во Комисијата за избори и именувања.

Откако Комисијата ќе утврди кадровски предлози, тие треба да бидат изгласани на пленарна седница. Доколку Собранието не ја исполни оваа обврска до крајот на годината, односно до изборот на техничка Влада на трети јануари, ќе мора да се чека новата Комисија за избори и именувања што ќе се формира по изборите во април, што ќе значи уште половина изгубена година за десетина институции.