Со цел да го олесни финансискиот товар со кој клиентите се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата, Комерцијална банка АД Скопје објави Јавна понуда за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица, соопшти Комерцијална.
– Комерцијална банка одобрува грејс период од 6 (шест) месеци за кредитните производи на физички лица, пролонгирање на крајниот рок на отплата на кредитите за 6 месеци, како и автоматско продолжување на рокот за користење на дозволеното пречекорување до 30.09.2020 година (без намалување на одобрениот износ и без оглед дали на сметката стасува редовен месечен прилив). Јавната понуда се однесува на сите физички лица-клиенти на Банката кои имаат кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања, кои на 29.02.2020 година се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В и немаат статус на сомнителни и спорни побарувања (нефункционални), односно во своето досегашно работење со Банката не доцнеле подолго од 90 дена при отплата на обврските.
Сите физички лица на кои се однесува Понудата може да ја погледнат на следниот линк и да одлучат дали истата ја прифаќаат или одбиваат: ЈАВНА ПОНУДА
До Банката треба да се обратат електронски или писмено (на начин детално опишан во Понудата) исклучиво физичките лица кои ја одбиваат понудата, најдоцна до 09.04.2020 година до 16 часот. За лицата кои ја прифаќаат понудата истата автоматски ќе се имплементира, без потреба од контакт со Банката.