Хари и Меган ги изгубија своите кралски титули

Принцот Хари и неговата сопруга Меган повеќе нема да бидат активни членови на британското кралско семејство и нема да ги користат кралските титулите, објави денес Бакингамската палата, цитиран од БТА.

Хари и Меган повеќе нема да добиваат пари од јавно финансирање и ќе ја вратат сумата од  2,4 милиони фунти (3,1 милиони американски долари) што ја  потрошиле за да ја реновираат својата резиденција –  Frogmore Cottage, која ќе остане како нивен семеен дом во Велика Британија.

„Хари, Меган и Арчи секогаш ќе бидат многу сакани членови на семејството“, се вели во соопштението на кралицата Елизабета Втора.

„Ги признавам предизвиците што тие мораа да ги поднесат како резултат на зголеменото внимание во последните две години и ја поддржувам нивната желба за посамостојно живеење“, рече кралицата.

Таа додава дека е особено горда на начинот на кој Меган станала дел од семејството.

Со благослов на кралицата, војводата и војвотката од Сасекс можат да ги задржат своите улоги како покровители на некои организации. Иако веќе нема да можат официјално да ја претставуваат кралицата, тие јасно ставија до знаење дека ќе ги следат вредностите што ги споделува нејзиното височество, се додава во соопштението.

Промените во статусот на Меган и Хари ќе стапат на сила, пролетта 2020 година. Бакингемската палата не прецизира кој ќе плати за да ја обезбедува двојката во иднина, што моментно овие трошоци се плаќаат од  даночните обврзници.