Коледе, леде! – прочитајте што всушност означува утрешниот празник

Особено од минатото се останати богати обичаи и верувања поврзани со Бадник или Коледе, денот што му претходи на Божик.

Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето“.

Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак, во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни.

Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето, има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така, заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. Во Кукушко се подготвувала вечера и за дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, а домаќинот го поканувал: „Поели дедо Боже да вечераме.“ На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род.

На Бадник, во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Оној што ќе ја најдел парата ја ставал во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добивал подароци.

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека, а некаде се гори круша горничка (дива круша) зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна. Таа ноќ, како што запишал К. Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: Бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај овој обреден оган. К. Шапкарев уште забележал дека во Скопје кога оваа пенушка „ќе приближи на догорување, ги истеруваат машките деца надвор, а остануваат само женските, за да видат само тие кога ќе догори. Тоа значело да се раќаат се женски од живата стока на домаќинот т.е. јагниња, телиња, коњи и сл.“ Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш од пенушката оставале едно парче „кое вардат до другата година, за да потпалет огнот во истиот вечер“, а во Воден „това парче закопват в лозје за да се сторит лозјето црно“. Во Дебарско, според записите на В. Икономов, исто така, внимавале “да остане едно парче недогорена гламна коешто секоја вечер од Божик до Богојавление се подгорува и се угаснува со вино – за зачувување од повреда на домашниот ситен добиток.