Годинава најголем профит во светот оствари сопственикот на ЛВМХ, Бернар Арно, кој од 2019 година е побогат за 35,5 милијарди долари.
Под покровителство на оваа компанија се брендовите како „Луис Витон“, „Диор“ и „Моет и кандон“.
Оваа успешна компанија минатиот месец го купи и брендот за накит „Тифани“ за повеќе од 16 милијарди долари.
Богатство на Арно изнесува 104 милијарди долари и тој е трет најбогат човек во светот.
Но, дури две жени имаат стекнато повеќе богатство од Арно годинава, иако не може да се каже дека тие тоа и го заработиле.
Мекензи Безос доби 35,9 милијарди долари со разводот од основачот на „Амазон“, Џеф Безос. Нивниот развод стана познат како најскапиот развод на светот, па со парите што ги доби, Мекензи стана 26-та најбогата личност во светот.
Но, ниту таа не е личноста која заработила најмногу пари во 2019 година, туку Џулија Флешер Кох, вдовицата на Дејвид Кох, поранешниот сосопственик на „Кох Индустри“, втора по големина приватна компанија во САД.
Џулија Кох (56) наследи богатство од 62 милијарди американски долари од нејзиниот починат сопруг, со што стана 10-та најбогата личност на светот и најбогата жена. Дејвид Кох почина во август годинава.
Основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг, го зголеми своето богатство со плус 26,7 милијарди долари, па сега има 78,7 милијарди долари со што стигна на петтото место на најбогатите во светот.
Бил Гејтс додаде 22,4 милијарди американски долари, така што тој сега е најбогат човек во светот со вкупно 113 милијарди.
На второ место е Џеф Безос, кој има 111 милијарди, за 13,6 милијарди помалку од лани. Тој е еден од ретките „супербогаташи“, чие богатство се намали годинава.
Амансио Ортега, сопственикот на Зара, за 15,7 милијарди долари е побогат во 2019 година, па со 74,3 милијарди долари е на 6-то место.
Да напоменеме дека Ворен Бафет годинава заработи околу 5 милијарди американски долари, со кои сега има 89 милијарди долари, што го прави четвртиот најбогат човек во светот.
Најбогатиот човек во Азија и 11-ти најбогат човек во светот е Индиецот Мукеш Амбани, кој заработи 17,6 милијарди долари оваа година, па сега има скоро 62 милијарди.
Стив Балмер заработи 19,4 милијарди во 2019 година со што неговото богатство изнесува 58 милијарди.
Тројцата сосопственици на Волмарт, познати како најбогатото семејство во светот – Роб, Џим и Алис Волтон, годинава поединечно заработија по нешто повеќе од 10 милијарди долари.Вкупното нивно богатство изнесува повеќе од 162 милијарди долари. Волмарт е најголемиот ланец на маркети во светот.
Основачот на Алибаба, Џек Ма заработи дополнителни 11 милијарди долари оваа година.
Жаклин Марс и нејзиниот брат Џон Марс, сопственици на познатаото „чоколадно царство“ и годинава исто така го зголемија своето богатство за повеќе од 10 милијарди долари.