Името на Џон Малкович се впишува во богатата историја на „Охридско лето“,

Големата сцена на Античкиот театар во Охрид за вечерва е резервирана за театарската претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец” со светски прославенот актер, сценарист и продуцент, Џон Малкович.

Станува збор за претстава работена според дело и режија на авторот Михаел Штурмингер, во музичка придружба на сопранистите Чен Реис и Сузан Лангбејн и оркестарот на „Виенската академија“.

„Пеколната комедија“ всушност претставува сценска изведба на австрискиот сериски убиец Џек Унтервегер, кој додека е во затвор станува поет и писател, што пак придонесува критиката да го засака, за потоа тој да биде помилуван како „пример за рехабилитација“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја проследи вчерашната претстава и истакна дека е ова редок спектакл, а впечатоците од сценската изведба кај публиката се незаборавни и тоа очекувано ја потврдува уметничката големина на Малкович преку неговата маестрална глума. Таа упати благодарност до директорката и до тимот на „Охридско лето“ за нивната истрајност и професионализам, доследно да одговорат на предизвикот да се биде домаќин на една од најголемите и најславни светски ѕвезди.

Пред почетокот на ова психолошка театарска драма, пред публиката се обрати директорката на оваа културна институција, Наташа Поповиќ, која рече дека „Охридско лето“ е поттик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се дополнува и да се надградува со нови креативни соѕвездија кои го обележуваат местото на фестивалот како најпрестижна уметничка сцена, но и како препознатлив уметнички симбол насекаде во светот. Поповиќ упати благодарност до Амбасадата на САД во Република Македонија, до Министерството за култура и до сите помагатели на фестивалот за исклучителната можност да уживаат во проектот со светски познатиот актер Џон Малкович.