Нуркачите снимија „риба на судниот ден“ која предвидува земјотрес

Нуркачите во близина на Тајван останале запрепастени кога забележале џиновска риба, позната како риба појас.

Воодушевувачкото видео беше снимено на брегот на Руифанг и споделено од инструкторот за нуркање Ванг Ченг-Ру. Видеото покажува како нуркачи опкружуваат треперлива сребрена риба која пливала блиску до површината на морето.

Во еден момент еден од нуркачите успеал да ја допре, а може да се види дека рибата има траги од каснување по целото тело, за кои експертите веруваат дека настанале од напад на мала ајкула, таканаречено „колаче“.

Нуркачите процениле дека рибата била долга околу два метри, што не е многу ако се земе предвид дека нејзината максимална должина може да достигне и до 17 метри.

Експертите веруваат дека рибата умирала и затоа запливала во поплитки води, што мештаните го сметаат за лош знак.

Се поврзува со древна (и неточна) јапонска легенда дека „предвидува земјотрес“, поради што го добила името „риба на судниот ден“.

Што се однесува до суеверието за предвидување земјотреси, тоа се заснова на јапонската митологија која вели дека овие риби се издигнуваат на површината и се насукаат пред претстојниот земјотрес. Ваквите стравови дополнително се зголемија за време на земјотресот и цунамито во Фукушима во 2011 година, бидејќи во текот на две години пред таа катастрофа овие риби почнаа да се издигнуваат на брегот.

Сепак, експертите тврдат дека оваа теорија нема научна основа.