Несекојдневна изложба беше отворена вчера на градскиот плоштад во Кавадарци, каде што заинтересираните граѓани имаат ретка можност на едно место да ги видат сите изданија на најстариот дневен весник во државата „Нова Македонија“, за периодот од 1946 до 2002 година. Изложбата ја организираше библиотеката „Феткин“ од Кавадарци, во рамките на манифестацијата „Кавадаречко културно лето 2023“. Многубројните граѓани на отворањето на изложбата со нескриена заинтересираност и љубопитство имаа можност да ги разгледаат весниците и на одреден начин да се вратат назад низ времето, како што одушевено изјави една кавадарчанка, која препрочитуваше текст што се однесуваше токму за еден настан што своевремено силно одекнал не само во градот туку и низ цела Македонија.
На отворањето на изложбата на присутните им се обратија директорот на библиотеката Петар Гурев, претседателот на советот на општина Кавадарци Јован Рамов и в.д.главниот и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“ Марјан Велевски.
Во своето обраќање директорот на библиотеката Петар Гурев истакна дека освен универзитетската библиотека „Климент Охридски“ која ги архивира сите изданија на весникот „Нова Македонија“ кавадаречката библиотека е единсвената во Македонија која поседува толку голема збирка на сите изданија на весникот на која се особено горди.