Премиера на „ М“ на Вардан Тозија на Cinedays

Пред полното гледалиште во паркот на МКЦ, со македонската премира на филмот „М“ на Вардан Тозија, синоќа е отворен 22-от Меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS.

„Имаме совршено отворање на фестивалот, повеќе од 1000 гледачи го следеа филмот „М“ на Вардан Тозија без здив, и во паркот зад МКЦ и во киното Фросина. Благодарност до режисерот Тозија и продуцентот Дарко Попов кои ни овозможија Скопје вечерва да ја добие посакуваната фестивалска атмосфераи заедно со комплетната авторска и актерска екипа да го имаме ова задоволство. Ние како тим се трудиме вечерашниот фестивалски филмски шарм и содржина да ги одржиме низ целото издание на CINEDAYS затоа што имаме одлична програма која витешки ја сработивме со драстично намален буџет. Се надевам дека годинешниов исклучок нема да биде практика.“ – истакна Маргарита Арсова програмски координатор на CINEDAYS.

Ова фестивалско издание донесува 40 филмови и 50 гости, а проекциите ќе бидат во паркот зад МКЦ, киното Фросина и во летното кино на Кинотеката на Македонија. Мото на фестивалот е „ Филмска вечер“

  • Во компактната програма ќе погледнеме наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров…, потоа новиот филм на Горан Столевски, а имаме и премиери на пет македонски кратки филмови , кажа Маргарита Арсова, програмска координаторка на фестивалот.

Во музичката програма ќе настапат „Културно-уметнички работници“, Педро Кастиљо и белградскиот експериментален бенд „Визељ“. А, „ Cinedays“ ќе се затвори на 18 јули со уште една македонска премиера- на филмот „ Бизнисот на задоволството“, во режија на Гоце Цветановски.