Поради силно невреме во текот на ноќта во Љубљана, Крањ и Засавје, водата ги поплави зградите и патиштата, на релацијата Зидани Мост – Љубљана воз излета од шините и налета во одрон, а лавина камења делумно затрупаа автобус, јавуваат „РТВ Словенија“.
Најобилни врнежи се забележани токму во Литија, каде наврнале дури 107 литри дожд на метар квадратен, од кои за само десет минути наврнале 32 литри. Во Љубљана се измерени 57 и 48 литри дожд на метар квадратен, пишува „24ур“. Утрово врнежи од дожд имаше во Горење и северна Приморска. Во Толмин наврнале 95 литри дожд на метар квадратен.
Невремето со обилни врнежи го зафати и подрачјето на општина Лашко. Поплавени се повеќе згради, патишта и подвозници. Пожарникарите од ПГД Лашко и ПГД Речица интервенирале и укажале помош за отстранување на опасноста и отстранување на последиците од невремето.