Од понеделник трета доза вакцина и во Македонија

И кај нас да се воведе трета доза вакцинација за сите лица кои се над 60 години, а кои пред шест месеци ја примиле втората доза, препорача Комитетот за имунизација. Трета доза се препорачува и за здравствените работници без разлика на нивната возраст кои работат во ковид центрите, но и за пациентите кои се имунокомпромитирани.

Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче кој појасни дека третата доза ќе биде со Фајзер вакцината, без разлика со која вакцина претходно сте се имунизирале.

Министерот Филипче кажа дека и граѓаните кои имаат примено две дози на вакцини во странство, третата доза ќе можат да ја примат кај нас во било кој вакцинален пункт.

– Надмината е бројката од 700.000 граѓани кои се вакцинирани со две дози, што значи дека 37 отсто од вкупното население во земјава е имунизирано. По старосни  групи 74 проценти од лицата над 70 години се вакцинирани, 65 % над 60-годишна возраст, 60% над 50 години, 55 % над 50 години и 31% се имунизирани лицата од 18 до 39-годишна возраст. Верувам дека интересот нема да се намалува, за да стекнеме колективен имунитет, вели Филипче и дополни дека сепак има една одредена бројка од 1.500-2.000 граѓани на ден што се пријавуваат за прва доза на вакцина.