Добивката на „Комерцијална банка“ порасна за 64 %

Падот на нето приходи од камати се компензира и надоместува со раст на нето приходи од провизии и со зголемување на останати приходи од дејноста и со помали резервации од лани. Добивката на Комерцијална банка порасна за 64 отсто и достигна 5,9 милиони евра.

„Комерцијална банка“ има фанстастичен старт годинава. Благодарејќи на одмерени растови на приходи и намалени резервации успеа да ја зголеми добивката за првите три месеци за 64 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех објавен на информативниот сервис СЕИ НЕТ.

Нето приходите од камати остануваат најголема приходна стака и за три месеци изнесуваат 9,37 милиони евра. Тие се пониски за 565.000 евра во споредба со истиот период лани. Затоа пак растат нето приходите од провизии и останатите приходи од дејноста. Нето приходите од провизии изнесуваат 3,92 милиони евра и се за 252.000 евра повисоки, а останатите приходи од дејноста пораснале за 735.000 евра и надминале 3 милиони евра.

Паралелно со растот на овие две категории банката ги намалила резервациите за 1,55 милиони евра во споредба со истиот период лани и тие изнесуваат 4,6 милиони евра. Трошоците за вработените се 3,2 милиони евра и се на исто ниво, а останатите расходи од дејноста се намалени за 333.000 евра и изнесуваат 2,66 милиони евра.

Добивката на банката за три месеци изнесува 5,86 милиони евра.

Од билансот на состојба видно е дека растат депозитите за 45,8 милиони евра до износ од 1,94 милијарди евра, а кредитите бележат минимален раст од неполни 4 милиони евра и се ниво од 832,4 милиони евра. Во хартии од вредност (државни н.з.) „Комерцијална банка на крај на март годинава чува 396,2 милиони евра.

Извор: Фактор