Никола Димитров: Преговори по цена на македонскиот идентитет нема да има

„Интерпелацијата за мојата работа, збир од лажни вести и обид за излез од внатрепартискиот хаос преку иницијатива за рушење на Владата и тоа за позиции и одлуки на други држави или меѓународни организации“, истакна заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања Никола Димитров во своето прво обраќање од собраниската говорница по повод интерпелацијата за неговата работа што ја поднесоа група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

„Едвај чекате лоши вести, а кога ги нема, ги измислувате. Малку ви беа демантите од Луксембург, си рековте дајте да ги мобилизираме и Данска и Холандија, со алузија дека дискретно го поддржувале ветото на Софија. За одлуките на трети држави виновна е македонската Влада, но ако случајно има добра вест од надвор заслужни сте биле вие. Па и тоа како да не беше доволно за пасионираните колекционери на деманти на вашите зборови, најдовте начин како и Словачка и Чешка да ве прозиваат дека вие ама баш никако не сте придонеле за нивната одлука да застанат на страната на европските принципи. Небаре демантите од земјите членки ви се ордени кои ги закачувате во Белата Палата, а не документиран резил од кој секој би се срамел. Ако не ја сфатите сериозноста во која се доведувате и вие како личности, партијата, но и земјата, ќе останете само она што и бевте – лажни патриоти кои за да дојдат на власт, би застапувале и антимакедонски ставови, кои впрочем можеби секако и ги имате“, рече заменик-претседателот во Владата Димитров.

Димитров потенцираше дека интерпелацијата е полна со апсурди како на пример обвинувањето дека не испорачал преговори по цена на одбрана на македонскиот јазик за да можат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница и од јавните настапи да го обвинат за предавство на националните интереси.

„И сега, кој кого манипулира? Јас, кој доследно ги презентирам наодите од ЕУ, секогаш до детали прецизен за квалификациите и околу одлуките и заклучоците, и оценките на извештаите, акцентирајќи ги и областите кои треба да ги унапредуваме, или вие со очигледно елементарно непознавање на процесите, но со неизмерна желба за лоши вести за земјава и—еве уште едно признание за вас—со беспрекорна умешност да бидете први во лажното известување на јавноста за некаков си имагинативен пораз, за кој ги каните на заедничка прослава. Ние ги земаме жешките костени в раце, вие се радувате на секоја можна изгореница“, нагласи заменик-претседателот на Владата Димитров.

Во елаборацијата на фактите за договорот со Бугарија Димитров потсети дека европските лидери и САД во еден глас го оценија како инспирација за целиот регион и голем чекор кон ЕУ за нашата Македонија, Северна Македонија. Во март 2020-та, Европскиот совет ни даде безусловно зелено светло за почеток на пристапни преговори. Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен притоа кажа дека ЕУ ги исполнува своите ветувања, за во септември во годишното обраќање до ЕП да додаде: одлуката беше историски чекор. Во ноември по клучниот Совет за општи работи со кој претседаваше, германскиот министер за Европа Михаел Рот изрази огромна разочараност од бугарската блокада, дека тоа е горчлив удар за европските политики кон Балканот и дека сите земји членки освен Бугарија ја поддржале Преговарачката рамка за Северна Македонија.