Германија ги затвори границите за пет земји поради новиот вид на коронавирусот

Германија од денес ги затвори своите граници кон Велика Британија, Ирска, Португалија, Јужна Африка и Бразил, поради растечките стравувања од ширење на новите видови на коронавирусот.

Ова го објави германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на извори во Владата.

Свазиленд и Лесото во недела ќе бидат додадени на списокот на тие пет земји.

Забраната ќе важи најдоцна до 17 февруари, но со исклучоци што ќе важат за граѓаните и жителите на Германија, како и за здравствените работници и патниците во транзит.

Германија неделава успеа да го намали бројот на нови инфекции на под 20.000, но Агенцијата за контрола на болести вчера ги повика граѓаните строго да ги следат мерките, имајќи ги предвид новите видови на коронавирусот, за кои се смета дека се заразни.

Директорот на институтот Роберт Кох, професор Лотар Вилер, на прес-конференција во Берлин рече дека мутациите во вирусот се причина за голема загриженост кај властите.

„Добиваме извештаи за зголемен број инфекции како резултат на нови мутации. Сè уште немаме целосна слика за сите карактеристики на овие варијанти. Сè уште не знаеме дали се поопасни и не е познато дали вакцинираните и пациентите кои прележале КОВИД-19 имаат имунитет кон нив “, изјави тој.

Минатата недела германската влада донесе одлука за продолжување на строгите епидемиолошки мерки до 14 февруари.

Училиштата, градинките и сите несуштински продавници остануваат затворени, носењето заштитни маски е задолжително во јавниот превоз, а компаниите се должни да им овозможат на вработените да работат од дома.