Тешки денови за Трамп, демократите решени порано да го „испратат“

Иако мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп истекува за 10 дена, повиците за негово отстранување од власт по насилниот упад на неговите приврзаници во Конгресот растат од час во час.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, во петокот рече дека демократите се подготвени да започнат со постапката на отповикување во понеделник, ако дотогаш Трамп не поднесе оставка или потпретседателот Мајк Пенс не повика на 25-тиот амандман, што ќе дозволи носителот на должноста да биде сменет од функцијата, пред истекот на мандатот.

Пелоси во петокот го повика потпретседателот да каже дали би се повикал на 25-тиот амандман и дека, доколку не започне со постапката за отстранување на Трамп од Белата куќа, ќе покрене импичмент.

Во нацртот на барањето за отповикување на Трамп, што го составија демократските членови на Претставничкиот дом по упадот на демонстрантите во Капитол, републиканскиот претседател е обвинет за извршување на сериозни злосторства и прекршоци кои поттикнуваат бунт. Во нацртот се наведува дека Трамп намерно давал изјави кои ги поттикнале немиририте во Капитол.

Доколку Пелоси го одобри нацртот во понеделник, гласањето за отповикување на Трамп може да биде започнато веќе во средината на следната недела. Со оглед на тоа дека остануваат само 10 дена до крајот на мандатот на Трамп, не беше јасно дали има доволно време да се заврши комплетната постапка за отповикување.

Сенатот треба да го добие обвинението, а потоа да одржи судење и да одлучи за неговите точки. Засега е малку веројатно дека републиканците во Сенатот би гласале Трамп да биде прогласен за виновен и отстранет пред крајот на неговиот мандат, за што е потребно двотретинско мнозинство, иако многу малку републиканци го осудија планот на демократите.

Експертите за импичмент сметаат дека ова теоретски може да се случи многу брзо, во рок од неколку дена, бидејќи и двата дома имаат значителна слобода да ги утврдат деловничките правила. Сепак, според постојните правила, кои можат да се променат, постапката ќе биде тешко да се заврши за помалку од една недела.

Како изгледа постапката за отповикување?
Ипичментот честопати погрешно се толкува како промена на претседател. Терминот всушност се однесува на правото на Претставничкиот дом, долниот дом на Конгресот, да го обвини претседателот за „тешко дело или прекршок“, слично на обвинение во кривичната постапка.

Ако мнозинството од 435 пратеници ги одобрат обвиненијата, постапката се префрла во Сенатот, горниот дом на Конгресот што го спроведува судењето. Според уставот, потребни се две третини од сенаторите за да биде осуден и сменет претседателот. Сепак, доволно е просто мнозинство за да се донесе одлука дека претседателот може повеќе да не се кандидира во иднина.

Правни експерти ова го толкуваат како значење дека демократите, кои ќе ја преземат контролата над Сенатот подоцна во јануари, имаат реални шанси да му забранат на Трамп да учествува на претседателските избори во 2024 година, што тој самиот посочи дека ќе го стори.