Владата на вчерашната седница одлучи да ги прифати мерките за справување со пандемијата предложени од Комисијата за зараазни болести. Покрај забраната за работа на угостителските објекти по 18 часот, Владата донесе и низа други ограничувачки мерки.
Владата забрани организацијата и одржување на било каков тип на новогодишни прослави и прослави на верските празници, како и забрана за организирање на Нова Година на отворен и затворен простор во организација на сите физички и правни субјекти, вклучувајќи ги и јавните институции.
Во овие мерки е вклучена и забрана за хотелите за организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници и доколку истите веќе имаат организирано новогодишни прослави, да ги откажат.
Новите мерки опфаќаат и забрана за давање под наем на викендици и други туристички капацитети за сместување на територијата на државата, за групно собирање и организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници.
Како исклучок од оваа забрана, се овозможува издавање на викендици и други туристички капацитети на лица од едно исто семејство.
За успешно спроведување на мерките Владата препорачува засилени контроли и инспекциски надзори од страна на полициските службеници и надлежните инспекторати за почитување и спроведување на мерките и препораките за заштита од КОВИД-19, во претстојниот период на новогодишни и верски прослави кои ќе започнат да се применуваат од 18 декември 2020 година до 20 јануари 2021 година.