Во САД, една недела пред Денот на благодарноста, расте бројот на смртни случаи од КОВИД-19, а во просек се бележат повеќе од 1.300 смртни случаи дневно, што е најголема бројка од црната пролет во Њујорк.
Завчера во земјата се регистрирани 188.000 нови случаи со коронавирусот, што е најмногу за еден ден досега, додека вчера таа бројка беше 161.280 и 1.577 починати, а повеќе од 80.000 лица се во болници.
Здравствените експерти се загрижени дека патувањата за време на Денот на благодарноста и празничните собири ќе го охрабрат ширењето на вирусот.
Многу американски држави и градови воведуваат скоро целосно затворање и други ограничувања.
Калифорнија нареди полициски час од 22 часот до 5 часот наутро, што опфаќа 94 проценти од 40 милиони жители на државата. Њујорк ги затвори сите училишта во четвртокот.
Вкупниот број на потврдени случаи на КОВИД-19 во САД надмина 12,234,530 и 259,910 починати, со што САД е на првото место во светот по бројот на заразени според worldometer.