Во поштенскиот бизнис во земјава работат 103 компании. При тоа, само една од нив е во групата на големи, две се водат како средни, додека 81 се микро фирми а 19 се мали. Ова го покажува анализата за состојбите во поштенскиот бизнис во земјава што ја направи „Таргет Груп“. При тоа, во дваесетте компании што имаат најголеми приходи во овој бизнис, лани се свртела сума од 38,4 милиони евра, додека пак во дваесетте компании што имаат најголеми добивки – минатата година е направена вкупна добивка во износ од 2 милиони евра.
Дваесет компании од поштенската дејност во 2019 година имале приходи од 38,4 милиони евра, добивка од 2 милиони евра и вработувале 2.959 луѓе
„Пошта на Северна Македонија“ брои загуби, „ДелЦо“ раст на добивката
„Пошта на Северна Македонија“ е единственото Акционерско друштво во овој бизнис во земјава. Иако ги прави најголемите приходи и го има најголемиот број на вработени во оваа дејност, сепак ова Акционерско друштвото што е во раце на државата, работи со загуба.
Минатата година „Пошта на Северна Македонија“ има приходи од 19,4 милиони евра. Овој износ на приходи е драстично поголем од приходите што ги прави „ДелЦо“, каде лани се свртела сума од 4,2 милиони евра. Сепак, за разлика од „Пошта на Северна Македонија“, која работи со загуба, „ДелЦо“, лани има добивка 1,6 милиони евра, што е највисок остварен износ во овој бизнис.
При тоа, во „Пошта на Северна Македонија“ работат 2.054 луѓе, а во „ДелЦо“ има 284 вработени.
„Пошта на Северна Македонија“ со години наназад е на удар на јавноста дека е претворена во институција за згрижување на партиски кадри. Дополнително, последниот ревизорски извштај обелоденува дека, иако во оваа компанија што е во раце на државата, се трупале загуби сепак менаџментот си обезбедил бонуси. Ревизорскиот извештај покажа дека компанијата има загуба од околу 10 милиони евра, а истовремено се склучувале договори за премии од осигурување за досегашните директори, обезбедувајќи на тој начин високи бонуси за нив. Уште еден удар за „Пошта на Северна Македонија“ беше и затворањето на Еуростандард банка, преку која одеше платниот промет.
Највисоката добивка во овој бизнис, минатата година ја има компанијата „ДелЦо“. За оваа фирма што е од групата на среден бизис, 2019 година се покажала како многу подобра од 2018 година. Приходите лани се зголемиле за 50,4 отсто во однос на претходната година и достигнале 4,2 милиони евра. Во делот на добивката пак, лани оваа компанија покажува раст од 248 отсто во споредба со претходната година. Односно, лани има добивка во износ од 1,6 милиони евра. Сепак, компанијата лани го намалила бројот на вработени за 5,3 отсто и лани таму имало 284 луѓе.
Целата анализа прочитајте ја на Пари.