Поминаа 13 години откако згасна животот на нашиот Тоше Проески, пејач со беспрекорен глас.
Утрото на 16 октомври 2007 година, се случи кобната сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац во Хрватска. Жртва беше нашиот ангел Тоше.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година, во Прилеп, но израсна во Крушево – место кое никогаш не го заборави и на чија афирмација постојано работеше. Во своите 26 години живот, тој ни подари музика која буди силни емоции, разубави стотици детски животи, помогна секаде каде што имаше потреба од тоа и со своите дела ни покажа дека навистина Блажена е душата што дава.
Тоше, во 2004 година, беше именуван за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод, Тоше ја сними песната „За овој свет“, како и англиската верзија „This World“. Оваа песна стана химна на УНИЦЕФ.
Тоше постхумно беше прогласен за почесен граѓанин на Македонија и беше погребан со најголемите државни почести.
Денес, на 13 годишнината од смртта, Тоше доби достојно вечно почивалиште во Крушево.