На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали се потребни и други рестрикции од тие коишто се сега на сила.
„Значајно се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи. Мерките кои сега чекаат законски измени се дел од тој наш план со заострување на тие рестрикции да го ублажиме овој скок на новозаразени лица. Еден од најдобрите параметри коишто се следат е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот забрзано се исполнува“, напиша на фејсбук министерот за здравство Венко Филипче, по гостувањето во вестите на Сител телевизија.
На прашањето дали може да се предложи полициски час, министерот Филипче посочи дека во овој момент е се уште рано, но во даден момент може да биде предложена.
Тој апелира до сите граѓани да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19. Да бидеме одговорни и да си помогнеме на себеси, на здравствените работници и на целиот здравствен систем.