Мицкоски: Ова што денес го бара Бугарија им го ветил Заев дека ќе го исполни

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5 посочи дека Заев во 2016-тата година има ветено дека се ќе признае, само Бугарите да му дадат поддршка и да биде премиер.

„Да ви ја кажам вистината, јас сум разговарал лично на оние состаноци со Европската народна партија со бугарски политичари кои што се дел од таа европска партија и тие мене ми го имаат цитирано дека ова што денеска го бараат е практично ветување од Зоран Заев уште од 2016-тата година пред тие избори. Уште тогаш е ветување дека да направам Влада, вие подржете ме, не се секирајте се ќе решиме. Еве ви го кажувам, и тие луѓе сега си го бараат ветеното, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека историчарите се едниот фронт кај што се води битката.

„Но ние зборуваме за политичките егзибиции, и политичкиот инженеринг кој што го прави Зоран Заев цело време. Денеска со братко тој и тој, а утре подгответе ја нацијата. Не може така да се однесувате. Тоа не е зрело однесување. Најпрвин ги загрозивте сите шанси Македонија да ја има европската перспектива, а потоа велите вака ќе биде или така ќе биде, не може. Така не се однесува зрел политичар“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека треба да се стави крај на вакво незрело политичко однесување од страна на Зоран Заев, бидејќи тоа не води кон подобра иднина на Македонија.

„Османи да каже дали Захариева барала од државава нов договор за уставни измени со кој ќе се редефинира нашата нација“, праша Мицкоски.

Проблемот кој го имаме со источниот сосед, не е таму проблемот само Гоце Делчев, таму имаме низа проблеми и за сите тие проблеми треба внимателно да ги следиме и да реагираме. Затоа што овој пат ни треба поддршката од целата македонска јавност. Ние не смееме да оставиме политичари кои буквално да дивеат спасувајќи ги своите политички кариери уништувајќи нација асимилирајќи нација уништувајќи ја современата македонска држава, рече Мицкоски.

Според него авантуристички не се потпишуваат договори кои во минатото и поискусни политичари не ги потпишале.

„Јас ќе ви ја кажам вистината, дека ова што го бараат е ветување на Заев уште пред изборите во 2016 година. Прво ги загрози шансите за европска перспектива, а да, никој проблем не се игнорира. Еве ќе ви дадам уште една ексклузивна информација да го прашаме министерот за надворешни работи Бујар Османи дали е точно дека барањето од страна на неговата колешка било практично да се потпише нов договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот со уставни измени каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите“, посочи Мицкоски.