Богатството на основачот на „Амазон“, Џеф Безос, се искачи на скоро 172 милијарди американски долари, што според листата на милијардери на Блумберг е нов рекорд кога станува збор за најбогатите луѓе во светот.
Причината за добрите резултати на Амазон е огромното зголемување на купувањето преку Интернет за време на пандемијата со коронавирусот, пишува Си-Ен-Ен.
Безос, неделава го надмина претходниот рекорд, што го постави во септември 2018 година, кога поседуваше богатство од 167,7 милијарди долари.
Неговото богатство продолжи да расте и покрај неговиот развод од неговата поранешна сопруга Мекензи минатата година, кога таа се здоби со 25% од акциите во Aмазон.
Мекензи во моментов е 12-та најбогата личност во светот, со 57 милијарди долари.
Амазон, кој се соочува со критики за безбедноста на работниците и заработката, рече дека оваа недела издвојува повеќе од 500 милиони американски долари како „бонус за благодарност“ за работници „на првата линија“ кои работеле за компанијата во текот на јуни.
Овој потег доаѓа откако компанијата го укина зголемувањето од два долари на саатницат и двојното зголемување на платата за прекувремена работа за работниците „на првата линија“ на крајот на мај.