Владата на 2 април 2020 година донесла Уредба, со цел да им обезбеди средства за да им се исплатат на јавнобвинителските службеници, истражители и други вработени од поранешното СЈО пари од буџетот на Јавното обвинителство на РМ за тековни трошоци, заостанати плати и заостанати тековни трошоци.
Уредбата е објавена во службен весник вчера, а тоа на ниту една прес конференција не беше објавено, ниту пак може да се најде низ соопштенијата на веб страната на владата.
Со Уредбата на Владата покрај тоа што ќе им се обезбедат средства за тековни трошења и заостанати плати, иако веќе подолго време ова обвинителство не функционира, се дава можност на Јавниот обвинител да одлучува за вработените во СЈО, надвор од сите процедури кои се однесуваат за вработување во јавните обвинителства, да може да ги распредели во обвинителствата низ државава.
Односно вработените во СЈО кои беа вработени со договори, надвор од законски пропишаните процедури за вработување во јавните обвинителства, да може да добијат ист статус и трајно вработување во некое од обвинителствата само со одлука на Јавниот обвинител.
Со оваа Уредба се заобиколува Законот за јавно обвинителство и државниот обвинител добива ингеренции кои што не му следуваат, а се поврзани со вработените во СЈО.
Во врска со оваа Уредба пратеникот Антонијо Милошоски на својот фејсбук профил пишува:
„Корона гори, буџетот кубури, СЈО се чешла!
Лани преку УСАИД “Отворени финансии” се откри дека обвинителите и вработените во СЈО во рок од 4 години незаконски си поделиле околу 3 милиони евра!
Пред некој ден, наместо пари на медицинскиот персонал и на загрозените мали фирми и нивните отпуштени работници, премиерот од СДСМ одлучил да даде уште некој милион евра за времено вработените во СЈО, најголем број блиски роднини на актуелни државни функционери, роднини на обвинители и судии или партиски кадри на Заев. Народот нека скенира фискални!
пс. сомнежот за расипничкото трошење на буџетските пари е уште поголем со тоа што “транспарентната” влада на веб страната крие и не ни известува дека е донесена ваква уредба!“