Денеска се одржа свеченоста за одбележување на 98-годишнината од работењето на Стопанската комора на Македонија.
На свеченоста на која беше презентирана и студијата на ОЕЦД на тема „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции“, присуствуваа премиерот Оливер Спасовски и заменичката претседателка во Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и шефицата на ОЕЦД за Југоисточна Европа, Марзена Кисиелевска.
Премиерот Спасовски во своето обраќање истакна дека оваа годишнина е показател на долгата традиција на здружување и на заштита на интересите на стопанствениците, но и на фактот дека Стопанската комора е сопатник низ историјата на македонската државност. Во текот на овие речиси 100 години, Комората даде огромен придонес за развојот на македонското стопанство, а од огромно значење е и нејзината посредничка улога во обезбедување на деловни врски на своите членки со компании од Европа и Светот.
Членството во НАТО и стартот на преговорите со ЕУ ја зголемува безбедноста и стабилноста на земјата со што се создава подобра основа за економски раст и развој“, подвлече Спасовски.
Премиерот истакна дека ова ќе влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и на зголемувањето на домашните и странските инвестиции и дека со членството во ЕУ влегуваме во голем и развиен пазар и ги зголемуваме перспективите за економски раст.
Шефицата на ОЕЦД за Југоисточна Европа, Марзена Кисиелевска, изрази задоволство од соработката со Владата во креирањето на политики за инклузивен стопански раст. Таа подвлече дека економиите на Западен Балкан се соочуваат со големи предизвици, но и дека има забележителен напредок. Кисиелевска ја посочи и важноста на регионалната соработка, бидејќи, како што истакна, без силни локални партнери не може да се искористат странските инвестиции.
Во рамки на денешната церемонија, премиерот Спасовски и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги доделија признанијата за најуспешни компании за 2019 година за компании со висок степен на финализирани производи за извоз, награди за долгогодишни активни членки на Стопанската комора, признанието за компанија со најголем број на учесници на едукативни настани во Стопанската комора во 2019 година и специјалното признание за компанија со континуирана долгогодишна активност и опстојување на македонскиот пазар.