Почна да работи втората производствена линија во кавадаречки „Еуроникел“, поранешното Фени, инвестиција вредна 15 милиони евра. Производството ќе достигне 20 илјади тони годишно, и ќе придонесе за повисок раст. Ќе се вработат илјада луѓе со просечна плата од 550 евра и ќе се соработува со многу локални фирми.
„За само една година Еуроникел стана еден од најголемите извозници во државата. Комбинатот веќе е на пат и со крупни чекори се движиме кон подобро позиционирање на светските пазари од металуршката индустрија. Со тоа ја зголемуваме вредноста на компанијата и придонесот што го дава за заедницата“, изјави Маркос Камхис, директор на матичната компанија на Еуроникел, ГСОЛ.
Во изминатава година во комбинатот се инвестирани над 80 милиони евра. Владата задоволна од спасот на комбинатот.
„Овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1.000 наши сограѓани кои егзистираат токму од работата во Еуроникел Индустри, но и затоа што е столб во креирањето на бруто домашниот производ и е, на еден начин, мотор на економскиот развој. Од 624 милиони евра вкупната вредноста на странските директни инвестиции, 80 милиони се тука во Еуроникел Индустри“, истакна премиерот Зоран Заев.
Откако се спроведува планот за реорганизација, Еуроникел само со една линија постигна производни рекорди од речиси 1.500 тони никел месечно. Со активирање на втората печка оперативниот капацитет на Еуроникел дополнително се зголемува со што планираното производство за следната година е 20.000 тони никел годишно.