Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој планира да се врати во Белата куќа во 2024 година, дури и ако биде осуден од федерален суд, изјави дека евентуалната осуда нема да го спречи да ја продолжи кампањата.
77-годишниот републикански фаворит, соочен со скандали, беше прашан како ќе реагира на обвинувањата, еден ден откако беа објавени нови обвиненија во случајот со доверливи документи.
На прашањето на екстремно десничарскиот радио водител Џон Фредерикс дали ќе ја прекине кампањата доколку биде осуден, тој одговори „воопшто не“. „Ништо во Уставот не укажува дека тоа би можело да ме (спречи) да ја водам кампањата“, додаде тој. Поранешниот претседател рече дека и поранешните американски претседатели како Барак Обама и Џорџ Буш ги „зедоа документите“, лажно навестувајќи дека неговите претходници го направиле истото за што го обвинуваат.
„Никој не доживеал вакво нешто. Ова е лудост“, налутено рекол тој. Вчера, федералните обвинители го проширија обвинението против Трамп во случајот на ракување со доверливи документи – за кои тој веќе е обвинет – обвинувајќи го дека се обидел да ги избрише снимките од видео надзор за кои биле заинтересирани истражителите.
Покрај тоа, тој е обвинет и за тајни плаќања на поранешна порно актерка, а беше уапсен и обвинет како дел од истрагата за обид да го претвори својот пораз на изборите во 2020 година во победа. Државниот обвинител на Џорџија до септември мора да го објави резултатот од истрагата за притисокот што го вршел за промена на резултатот од претседателските избори во оваа сојузна држава на југот