Музичарите од „Леб и сол“ ќе добијат Орден за заслуги

Претседателот Стево Пендаровски, денеска, на свечена церемонија ќе ги одликува Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

Церемонија на одликување со Орден за заслуги за Република Северна Македонија ќе се одржи во Кабинетот на претседателот во 19:30 часот.

Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан се смета дека ја сочинуваат најоригиналната постава на легендарните „Леб и сол“, култната македонска група која со своето делување ја испиша современата македонска музичка историја.

Култната македонска џез-рок група „Леб и сол“ е основана на 1 јануари 1976 година.

Македонската група „Леб и сол“ во 1987 година го издаде „Као какао“, едно од најзначајните музички дела во екс-југословенската дискографија. По повод 35 години од објавувањето на култниот албум, издавачката куќа „Croatia Records“ во јануари го претстави ексклузивното винилно реиздание на „Као какао“. Албумот што остана актуелен до ден денес, повторно е достапен во физичка форма, на 180-грамскиот винил, режан со половина брзина, „half speed“ технологија, во студиото „Abbey Road“ во Лондон.

 

– Освен „half-speed“ мастерингот, направен од Мајлс Шоуел, изданието вклучува богата книгичка со фотографии од Георги Христовски, архивски фотографии од „Croatia Records“ и придружни текстови. Иако беше издаден во 1987 година, бендот почна да експериментира со идеи за нов студиски албум неколку години порано. По албумите „Калабалак“ од 1983 и „Тангента“ од 1984, издадени за „Југотон“, следеше „Звучни зид“ од 1986 година, албум со песни што во меѓувреме, беа напишани специјално за театар, филм и телевизијa. Групата, ќе признаат членовите, минуваше низ прилично кризен период од 1985 година, а евентуалниот неуспех на планираното студиско издание, секако ќе означeше распад на уште еден рок гигант.