Еднострано е раскинат договорот со фирмата којашто, речиси, осум години ја градеше новата штипска Клиничка болница, откри министерот за здравство Фатмир Меџити во интервју за Макфакс. Активирана е банкарската гаранција, бидејќи изведувачот не испочитувал ниту еден од предвидените рокови за финализирање на изградбата.
Меџити најави дека новата болница ќе се гради, но ќе мора да се отпочне со нова процедура.
-За да не се гради уште 15 години, треба да се спроведе нова процедура која може да трае најмногу шест месеци.
Точно нова процедура, за да еднаш засекогаш таа болница и тој дел на источна Македонија да добијат објект каков доликува на здравство и да примат такви здравствени услуги. Ја знаете мојата изјава кога бев во Штип што ја кажав во старата болница, навистина таму има многу добар кадар, многу добри здравствени работници што макотрпно работат“, додаде Меџити.
Штип и источниот регион се изначекаа на новата болница. Со неа беа поврзани и низа на скандали и проблеми на фирмите кои ја градеа. Премиерот Ковачевски пред два дена посочи дека ќе се прави и ревизија на проектот, заради инфлацијата на градежните материјали, но и напредокот на техниката.
За, речиси, осум години овој објект се изгради само 40 отсто. Со негова изградба се почна во 2016-та година. Според идејниот проект, болницата е со површина од 34.000 метри квадратни, на пет каскадно поврзани нивоа. За градежните работи и ентериерно уредување со целата потребна медицинска опрема беше планирана инвестиција од 46 милиони евра.